Блог пост

Пронајдете го вашето идеално решение за греење во вашиот дом - Дел 3

Принципи на греење со фотонапонски панели, пелети, огревно дрво и брикети:

Македонија се наоѓа на многу поволна географска положба каде сончевото зрачење е големо и погодно за инсталирање на соларни системи за искористување на сончевата енергија.

Греење со електрична енергија добиена од сонцето преку фотонапонски панели

Последниве години производството на соларна електрична енергија со помош на фотоволтаични панели е многу актуелна. 

Принцип на греење со фотонапонски панели:

Инсталирањето на фотоволтаични панели, со користење на сончевата светлина за производство на електрична енергија која ќе се употребува и за затоплување е одлично. Електричната енергија добиена од сонцето преку ден, кога е скапата тарифа, може да се комбинира со евтината електрична енергија навечер и на тој начин да се добие многу поевтино затоплување.

Греење со пелети

Греењето со пелети е доста популарно во последните години. Котлите и печките за централно греење на пелети се достапни, а и пелетите во пакување од 15 кг ги има во многу продавници и се достапни за купување.

Принцип на греење со пелети:

Современите печки на пелети се многу ефикасни и за разлика од печките на дрва или брикети, во многу поголем процент ја искористуваат топлинската енергија добиена при согорувањето. Согорувањето на пелетите е целосно со што останува многу малку пепел и чистењето е олеснато.

Видови пелети: еколошки и нееколошки.

- Еколошките пелети се изработени од биомаса – пилевина, со ниска влажност. При производство дополнително се истиснува влажноста, па согорувањето е поголемо од 90% и нема никакви хемиски додатоци.

- Нееколошките пелети се изработени од примеси на дробен материјал од иверици, пилевина од иверици, панел – плочи и друго, материјал што содржи разни лепаци, бои, лакови, прегорено масло и други хемиски додатоци и пилевина што е иструлена. Греењето со вакви пелети е неекономично и придонесува за поголемо загадување на околината.

Греење со огревно дрво

Речиси 62% од населението во Македонија се грее или готви на дрва. Овој процент е драстично поголем во руралните средини каде и 90% од домаќинствата употребуваат дрва, за разлика од урбаните каде дрвото како енергенс се користи во половина од домаќинствата.

Принцип на греење со огревно дрво:

Користењето на огревно дрво за затоплување и готвење во голема мера придонесува за загадувањето на воздухот.  Горењето на влажно дрво предизвикува големо загадување за околината. При горењето се ослободува големо количество на водена пареа која се врзува со јаглерод диоксидот и другите продукти на горењето, па во вид на црн чад ја загадува околината.

Совет:

За поефикасно користење на огревното дрво, се препорачува да се користат убаво исушени дрва – сушени најмалку шест месеци во покриен простор. Во зимските месеци просечната влажност на воздухот е висока и дрвото апсорбира повеќе вода и затоа неможе да се постигне оптимална влага од околу 20%, затоа најдобро е да се купуваат дрва во април. Суровото дрво содржи 50% вода во него и поради тоа многу тешко гори и е понеефикасно за затоплување. Ако дрвото е купено во април, тоа е доволно време за до есен да се суши и добие оптимална влажност од околу 20%, што е поволно за ефикасна употреба.

Греење со брикети

Видови брикети: еколошки и нееколошки брикети

- Еколошките брикети се изработени од биомаса – пилевина со ниска влажност, согорувањето е поголемо од 80% и нема никакви хемиски додатоци.

- Нееколошките брикети се изработени од примеси на дробен материјал од иверици, пилевина од иверици, панел- плочи, материјал кој содржи разни лепаци, бои, лакови, прегорено масло и други хемиски додатоци.

Греењето со овие брикети е неекономично и придонесува за поголемо загадување на околината.

Продолжете со читање на наредната статија Дел 4 .

Н.Ц.

 

Тагови: греење